Македонската кошаркарска репрезентација не успеа да се претстави во добро светло против Литванија на денешниот квалификациски натпревар, загуби убедливо со 82:67 и значително си ги намали шансите за пласман на Европското првенство 2025.
Балтичката земја одигра моќно во првото полувреме, првата четвртина ја доби со 23:9, на полувреме имаше предност од 44:27 и рутински ги одработи последните дваесетина минути, во кои Македонија одигра нешто подобро за разлика од првиот дел.
Најдобар поединец во нашата репрезентација беше Кристијан Николов со 18 поени, а го следеше Војдан Стојановски со 13. Прво име во победничката репрезентација беше Екодас Мартинас, кој зад своето име запиша 18 поени.
Македонија во досегашниот тек од квалификациите има само една победа, она против Полска на гостински терен. На 24 ноември избраниците на Александар Јончевски во Клаипеда ќе го имаат второто соочување со литванската репрезентација.