Екипата на ТФТ во рамки од 8. коло од Првата лига потешко од очекуваното дојде до победа против Вардар, триумфираше минимално со 80:79. Вардарци, кои беа домаќини на денешниот натпревар, беа повеќе од рамноправен ривал и уште еднаш покажаа дека можат да се носат со посилните.
Домашниот тим одлично се држеше во текот на целиот натпревар, во еден период од втората четвртина дојде до посериозна предност од 32:22, но избраниците на Боро Смилковски бргу се консолидираа и се вратија во игра. Вардар на пауза замина со предност од плус два, 42:40.
До крајот на натпреварот двете екипи имаа свои моменти, а во последните две минути резултатот гласеше 77:77. Во клучните моменти гостите беа повеќе пофокусирани, домашниот тим имаше шанса да се израдува на првата победа, но шутот на Митревски не заврши на посакуваното место, па така ТФТ стигна до 7-ми сезонски триумф.
Дејвид Хотон со 18 и Георги Зафиров со 14 поени беа најдобри поединци во таборот на победничкиот тим. Кај Вардар сво ден имаше Хусеин Бајрам со 31 поен.