Тимот на Куманово се активираше на трансфер пазарот и денеска го претстави првото засилување за вториот дел од натпреварувачката сезона 2024/25.
Станува збор за десниот бек од Бразил, Гиљерме Да Силва Фернандес, кој во македонскиот суперлигаш ќе пристигне од бразилската екипа Сао Каетано.
Искусниот ракометар има играно во Европа, беше дел од косовскиот Кастриоти, а краток временски период беше и во Португалија, односно во Аванка Артистик.
Куманово остана без десниот бек Каио Винисиус кој се пресели во тимот на Охрид, а наскоро ќе биде познато дали уште некој од актуелниот ростер ќе замине.
Избраниците на Љубиша Димковски во првиот дел од сезоната на 16 одиграни натпревари остварија четири победи и по завршуваето од регуларниот дел ќе играат во плеј-аут фазата.
Иако освоија само осум бодови, сепак, на дел од натпреварите против посилните екипи покажаа дека имаат квалитет за да го задржат суперлигашкиот статус.