Моментално, последнопласираниот тим во Супер лигата – Радовиш за остатокот од тековната сезона ќе биде посилен со искусните Ивица Илиев и Славјан Паунов. Двајцата во Радовиш пристигнаа од дебитантот Борец ФЛ и со своето драгоцено искуство сигурно ќе бидат од голема помош за повратникот во суперлигашкото друштво.
Како што е познато, пред стартот на вториот дел Радовиш се засили со кружниот напаѓач Томче Трајчевски и средниот бек Петар Цветковски, а треба да дојдат и најавените странски засилувања од Либан, Алжир и Тунис.
Радовиш на свое конто има само еден бод, а на преостанатите натпревари од регуларниот дел тимот ќе цели да ја подобри играта, односно да се воигра пред борбата за опстанок.
Ракометарите на Радовиш овој викенд на свој терен ќе се соочат со Струга и ќе се обидат да дојдат до првата сезонска победа.