Женската репрезентација на Македонија по вторпат загуби од Полска во баражот за пласман на СП 2025, овојпат во Битола со 23-21. Во исполнетата сала „Боро Чурлевски“, навивачите беа осмиот играч на нашата репрезентација, а атмосферата потсети на најдобрите денови кога женскиот ракомет беше спорт број еден во државата. Девојките на теренот ја почувствуваа енергијата и конечно добија вистинска поддршка каква што заслужуваат.
Иако Македонија беше еден од ко-организаторите на Европското првенство 2022, сепак, СЦ „Борис Трајковски“ не беше исполнет ни 70% на ниту еден од натпреварите на нашата репрезентација, и покрај тоа што ривали беа Франција, Холандија и Романија. Во поновата историја на квалификациските натпревари за ЕП, како и во бараж дуелите, девојките често настапуваа пред полупразни сали во Скопје, па се поставува прашањето – дали е време женската репрезентација почесто да игра надвор од главниот град?
Вчерашниот натпревар во Битола покажа колку многу значи полна сала и искрена поддршка. Битолската публика не само што ја исполни салата, туку создаде и атмосфера која мотивира и инспирира. Девојките го заслужуваат тоа, да играат пред полни трибини, да се чувствуваат ценето и мотивирано, а нашата земја има повеќе ракометни центри кои можат да создадат атмосфера каква што заслужува репрезентацијата.
Покрај Битола, потенцијални домаќини на натпреварите на женската репрезентација би можеле да бидат и Охрид и Кавадарци, градови во кои ракометот е во подем. Покрај жените, и мажите би било добро да излезат надвор од Скопје и да играат низ другите ракометни центри.
Следен предизвик за Македонија ќе бидат квалификациите за пласман на ЕП 2026. Ривали на Македонија се репрезентациите на Словенија, Германија и Белгија, па РФМ има време да размисли дали домашните натпревари ќе се играат во Скопје или надвор од македонската престолнина.