Довчерашниот член на Вардар, Марко Луканоски, кој со јуниорската репрезентација на Македонија го освои шампионскиот пехар на Европското првенство Б-дивизија во Скопје, се пресели во редовите на босанскиот шампион Игокеа. Луканоски важи за еден од најголемите таленти на македонската кошарка и беше еден од најзаслужните за обезбедениот опстанок на Вардар во Првата лига. Според соопштението на клубот од Лакташи, Луканоски потпишал повеќегодишен договор. Македонскиот центар заради неговата возраст (2006 година) најпрво ќе биде дел од младинскиот тим на Игокеа и ќе има можност своите квалитети да ги презентира во јуниорската АБА-лига.
18-годишниот кошаркар пред две сезони беше дел од италијанскиот Басано, а на интернационално ниво настапуваше уште за младинскиот тим на Партизан. Оваа година на Европското првенство Б-дивизија во Скопје заедно со Никола Јаничиќ заслужено се најде во идеалната петорка.
Луканоски во 2021 со пионерската екипа на Вардар го освои трофејот во возрасната категорија за кошаркари до 15 години, додека во 2023 и ланската сезона со вардаровиот младински состав беа шампиони во својата категорија.