Средниот бек и поранешен ракометар на Вардар, Игор Карачиќ, по завршувањето на тековната сезона ќе го напушти полскиот гигант Келце. Хрватот, кој замина од Скопје по златната ера со „црвено-црните“, за Келце настапува од сезона 2019/20.
Иако има 36 години, Карачиќ сè уште покажува дека може да одигра на највисоко ниво. Пред извесен период се повлече од националниот дрес.
Навивачите на Вардар преку социјалните мрежи прашуваат дали можеби ќе се врати таму каде што го имаше најдобриот период од својата кариера? Дали кам-бек во Скопје е опција за Карачиќ или го чека нов предизвик, ќе дознаеме во наредниот период.
Искусниот Хрват со Вардар ги освои двете титули во Лигата на шампионите, а „црвено-црниот“ дрес го носеше од сезона 2011/12 до 2019/20 и беше еден од милениците на вардаровата публика.
Во Македонија дојде од Босна Сараево, а во својата кариера настапуваше уште за Перутнина ПИПО, Метковиќ и Зрињски Мостар.