КК Конзули алармира: СТОП за неправдата – сакаме фер-плеј!

108

По завршувањето на третиот и решавачки натпревар од третолигашкиот плеј-оф меѓу Тетекс и Конзули, одигран вчера во Тетово и завршен со победа на домаќините (81:62), битолскиот клуб излезе со јавно соопштение во кое изразува длабока загриженост за условите под кои се одвиваше натпреварот.

Иако од клубот истакнуваат дека го прифаќаат резултатот и покажуваат спортски респект кон секој противник, сепак алармираат на сериозни неправди, спорни судиски одлуки и недостаток на спортска култура и безбедност. Во продолжение, во целост ви го пренесуваме соопштението на КК Конзули.

 

Почитувани,
Вчера, на 23.04.2025, го одигравме третиот и решавачки натпревар од плејофот против екипата на Тетекс ТТК. Натпреварот заврши со резултат 81:62 во нивна корист. Ние, како клуб, не се жалиме ниту на нашата игра, ниту на резултатот. Го почитуваме секој противник и секој спортски пораз.
Сепак, должни сме да се обратиме до јавноста и институциите со цел да изразиме длабока загриженост за судиските одлуки, спортската култура и безбедноста на теренот. Натпреварот беше исполнет со бројни спорни моменти – физички провокации, навреди и дури директни напади врз наши играчи без соодветна реакција од службените лица.
Имавме ситуација каде наш играч беше нападнат со лакт, без да биде досудена техничка или било каква санкција. Во еден момент, навивач влезе на терен со обид за физичка пресметка – без никакви последици. Тренерот на противничката екипа отворено провоцираше, а членови на управата на Тетекс јавно зборуваа дека „едно се договориле со судиите, а друго се свиреше на теренот“. Ако ова се случува пред очите на сите, тогаш што може да очекува еден клуб кој патува, тренира и се бори со срце, но знае уште пред почетокот кој ќе победи?
КК Конзули е полу-професионален клуб, но со срце поголемо од секој буџет. Ние сме една фамилија – на теренот и надвор од него. Играме од љубов, од душа. И токму затоа бараме:
СТОП ЗА НЕПРАВДАТА. СТОП ЗА НЕСПОРТСКО ОДНЕСУВАЊЕ. СТОП ЗА КРИМИНАЛОТ ВО СПОРТОТ.
Ова не е борба за Евролига или НБА. Ова е борба за фер-плеј, за еднакви услови, за достоинство и почитување. Апелираме до институциите: ако сакаме спортот во Македонија да оди напред, потребно е итно да се реагира. Да се воспостави фер судење, спортска култура и основна безбедност на натпреварите.
КК Конзули ќе продолжи да се натпреварува со чиста совест и гордо. Но нема да молчи кога спортските вредности се газат пред очите на целата јавност.
Со почит,
Кошаркарски клуб КОНЗУЛИ – Битола
Клубот од Тетово ќе игра во полуфиналето во третолигашката конкуренција.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT