Машката репрезентација на Македонија денеска против Естонија ќе го одигра претпоследниот натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство 2026. Естонците покажаа дека не се за потценување, па така избраниците на Кире Лазаров ќе треба целосно да бидат фокусирани за да ги освојат двата важни бода.
Македонија со победа во Талин ќе остане во игра за второто место во групата. Како што е познато, Словенија вчера славеше над Литванија и се зацврсти на првата позиција со 10 бода, додека Литванија е втора со шест, а Македонија има само два бода.
Естонците кои во досегашниот тек од квалификациите не освоија бод, на денешниот натпревар ќе настапат без неколку првотимци, а меѓу нив се и двата најдобри стрелци од натпреварот во Скопје – Карл Том (11 гола) и Јирген Руба (7 гола).
Лазаров, поради повреда, нема да ги има на располагање Игор Ѓорѓиев, Дамјан Митев, Мартин Велковски, Цветан Кузманоски, Марко Стојковиќ..
Свое деби во сениорскиот дрес на Македонија ќе има средниот бек Мартин Ивановски, кој игра одлично на клупско ниво.
Натпреварот меѓу Естонија и Македонија е закажан за 18:00 часот во салата „Калев“.
Најдобрите две репрезентации од секоја група, како и четирите најдобри третопласирани селекции ќе обезбедат пласман на континенталниот собир следната година.