Македонскиот интернационалец Дејан Гошевски во следната сезона ќе има нов предизвик, откако се договори на соработка со германскиот клуб Аполда. За истиот тим неодамна потпиша и Христијан Милошески, а двајцата заедно настапуваа за поранешниот суперлигаш Голден Арт.
Гошевски минатото лето од Голден Арт се пресели во Метковиќ, а потоа направи трансфер во Водице. 25-годишниот ракометар во Македонија, освен за Голден Арт, има настапувано и за Охрид, Тиквеш и Металург.
Тренер на Аполда е некогашниот голман на Пелистер, Игор Тоскоски, а во редовите на клубот има уште еден Македонец – искусниот кружен напаѓач Пеце Ѓорѓиевски. На лето, освен Гошевски и Милошески, во Аполда ќе пристигне и Душан Трифковиќ, кој дел од својата кариера ја мина во Бутел Скопје.