Средниот бек Јака Малус, кој во следната сезона ќе биде дел од Вардар, игра во одлична форма во последниот дел од натпреварувачката сезона. Искусниот Малус заедно со тимот на Слован славеа против актуелниот првак Горење Велење, триумфираа со 30:24 во првиот натпревар од финалната серија во словенечкиот шампионат.
Малус беше стрелец на пет погодоци и заслужено го доби признанието МВП на натпреварот. Избраниците на Урош Зорман ќе се обидат да бидат подобри и на второто соочување за титулата, а доколку Горење Велење победи, тогаш ќе има мајсторка, односно трет решавачки натпревар.
Вардар внимателно ги следи настапите на Малус, кој со своето искуство и преглед на играта веќе најавува дека ќе биде големо засилување за „црвено-црните“ во новата сезона.
Амбициозниот Слован пред извесен период испиша клупска историја, откако го освои Куп трофејот на Словенија, а сега е на добар пат да ја заокружи сезоната со двојна круна.