📷Прилеп донесе двометраш со богато интернационално искуство

432

Тимот на Прилеп продолжува со комплетирањето на ростерот за новата натпреварувачка сезона, а најново засилување во суперлигашот е левиот бек од Црна Гора, Божидар Лековиќ. Искусниот интернационалец потпиша договор на две години и во Прилеп ќе биде во друштво на своите сонародници, средниот бек Владан Кастратовиќ и десното крило Денис Шабановиќ.

Лековиќ има богато интернационално искуство, кое го стекна настапувајќи за бројни клубови низ Европа и Азија. Во својата кариера настапуваше за Олимпијакос (Грција), Констанца (Романија), Извиѓач Љубушки, Славија и Слога Добој (БиХ), Трст (Италија), Металопластика Шабац, Топличанин, Металац и Шамот (Србија), Макаби Динома (Израел), Ал Араби (Кувајт), како и Кур од Азербејџан – клуб од кој пристигнува во македонската елита.

Особено запаметлив настап имаше во италијански Трст, каде што беше прогласен за најдобар странец во лигата – признание кое дополнително ја потврдува неговата вредност и квалитет. Со Црна Гора настапи на Европското првенство 2016 и на Медитеранските игри во Тарагона во 2018.

Тој својата кариера ја започна во Морнар од Бар, а може да се пофали и со освоени титули и трофеи со Извиѓач Љубушки, Слога Добој, Кур…

Со неговото доаѓање, Прилеп добива искусен и проверен бек кој ќе внесе цврстина во бековската линија, со оглед на тоа што знае да одигра и како среден бек.

Прилеп освен Лековиќ, за новата сезона го ангажираше и репрезентативецот на Грузија, Сандро Дарсаниа.

 

🎥Грузиски репрезентативец потпиша за Прилеп

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT