Леонид Лозановски: Мотивирани сме – очекувајте нè во финалето во Келн!

645

Овој викенд, паралелно со сениорскиот, ќе се одржи Ф4 турнирот во младинската Лига на шампионите. Меѓу најдобрите четири европски екипи се најде и младинскиот тим на Еурофарм Пелистер, кој пласманот го обезбеди со освоеното прво место на турнирот во Букурешт.

Избраниците на Фарук Мемиќ и Кире Митревски сега ги очекува нов, уште поголем предизвик. Во полуфиналето ќе се соочат со силниот дански состав – ГОГ Гудме, клуб кој важи за сериозен кандидат за трофејот.

Пред заминувањето за Германија, „Спортска Димензија“ разговараше со левото крило на пелистерци, Леонид Лозановски, кој истакна дека атмосферата во тимот е на високо ниво.

 „Пред сè преовладува пријатна и позитивна, многу повеќе возбудлива атмосфера. Во овие моменти сме посветени на интензивни тренинзи. Најважно од сè сите сме со позитивна мисла, иако нѐ чека тежок противник… Ќе победиме!“, рече Лозановски со голема самодоверба.

Младиот битолчанец не го крие оптимизмот и посочува дека тимот е максимално мотивиран и подготвен.

 „Во Келн одиме со надеж. Ги анализиравме добро Данците и во ниту еден случај не треба да ги потцениме. Се работи за еден доста добар клуб – ГОГ, тие се добри, а ние, Еурофарм Пелистер, уште подобри. Ќе се бориме со срце до последната секунда и ќе дадеме сè од себе за Еурофарм Пелистер, за Битола и за нашата Македонија. Надежта последна умира, очекувајте нè во финалето!“

Пелистерци полуфиналето со ГОГ ќе го играат во 09:00 часот наутро, необичаен термин за ракомет. Сепак, Лозановски верува во позитивен резултат.

„Кој рано рани, викаат кај нас победата ја граби.“

Лозановски и неговите соиграчи на турнирот во Букурешт најпрво го совладаа Келце во полуфиналето, а потоа во финалето беа подобри од домаќинот Динамо Букурешт. На крајот, тој беше избран за најдобро лево крило.

„Патот до победата беше тежок, противниците беа силни, но можеби неочекувано, победи подобриот. Секако, имавме голема поддршка од нашата верна публика, која не бодреше до самиот крај. Секогаш ќе ги паметам моментите на дружба со мојот тим и со останатите екипи. Радоста од победата исто така не се заборава, но најмногу ќе паметам колку бев среќен кога ја држев наградата за најдобро лево крило на турнирот. Не можев да си поверувам кога го слушнав моето име.“

Осврнувајќи се на значењето на досегашниот успех и емоциите што ги доживеа во Букурешт, Лозановски додава:

„Лично за мене, а и за мојот тим ова беше неочекувано. Да се биде меѓу четирите најдобри екипи во Европа е добро, а да бидеме европски шампиони е уште подобро. Пресреќни сме што зедовме учество во овој турнир, а најголема мотивација сега ни е пехарот, се разбира.“

Младите ракометари на Еурофарм Пелистер имаа напорна и предизвикувачка сезона, која ја завршија со освоено второ место во младинската конкуренција. Сега, пред нив е нов предизвик, да ја затворат сезоната на најдобар можен начин.

„Патот до победата е тежок и долг. Но ние сме физички и тактички подготвени, благодарение на нашите тренери. Би сакале да го имаме златото и ќе се бориме, како што кажав, до последен момент за него. Иако бевме поразени во младинската лига, ние не се предаваме лесно.“

Тој додаде дека силната поддршка од навивачите ќе им биде огромна мотивација во пресрет на полуфиналето.

„Најдобрата навивачка публика ја имаме во Македонија, најголемата поддршка ќе ја имаме од нашата верна публика таму, а и пред малите екрани. Ние ќе играме со полно срце за сите, за Битола, за Македонија.“

Како заклучок на разговорот, Лозановски истакна колку му значи личниот и тимскиот развој во овој период, и дека по настапот во Букурешт веќе се позрели како играчи.

„Да, точно е дека чувствуваме дека созреваме како зрели личности. Ние, нашиот тим, заедно со нашите тренери, напредуваме како единка.“

 

Ф4 – младинска Лига на шампиони – распоред:
14/06, 09:00, Еурофарм Пелистер – ГОГ
14/06, 11:30, Барселона – Веспрем
15/06, 09:00, натпревар за 3-то место
15/06, 11:30, финале

*Сите натпревари, освен финалето, ќе се играат во Дормаген, град во близината на Келн. Финалето е закажано во познатата „Ланксес арена“.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT