По завршувањето на сезоната во женската Лига на шампионите, во која унгарски Ѓер ја одбрани титулата на Ф4 турнирот во Будимпешта, дојде до ново ажурирање на листата на најдобри стрелци во историјата на ова елитно натпреварување.
Меѓу најдобрите 100 се најде и поранешната македонска репрезентативка Валентина Радуловиќ. Левото крило е на 97-то место на вечната листа со вкупно 275 погодоци, кои ги постигна во дресовите на Кометал Ѓорче Петров, австрискиот Хипо и данскиот Шлагелсе.
Радуловиќ ја заврши својата играчка кариера во 2009 година, а последниот клуб во кој настапуваше беше Кабран Амбалажа од Кавадарци.
Лидер на вечната листа на стрелци во ЛШ е Романката Кристина Неагу со 1232 гола. Како што е познато, Неагу пред извесен период ја заврши богатата кариера.
Зад неа се двете поранешни ракометарки на Вардар – Јованка Радичевиќ со 1181 и Андреа Лекиќ со 1073 погодоци. И тие исто така неодамна се простија од професионалниот ракомет.
Меѓу најдобрите десет стрелци се наоѓа и екс ракометарката на Кометал Ѓорче Петров, македонската снаа Едуарда Аморим Талеска.
По Радичевиќ и Лекиќ следуваат Анита Гербиц (1016), Ана Грос (961), Нора Мерк (900), Катарина Булатовиќ (842), Едуарда Аморим Талеска (747), Бојана Поповиќ (733), Андреа Пенезиќ (720)….