Србите пишуваат: Филип Ивиќ пред потпис со Војводина

275

Според пишувањата на српскиот портал „Дневник“, еден од голманите на Еурофарм Пелистер, Филип Ивиќ, ќе ја напушти Битола и ќе се пресели во Нови Сад.

Хрватскиот голман најверојатно кариерата ќе ја продолжи во Војводина, каде што ќе биде замена за Андреј Трнавац, кој иако имаше важешки договор, одлучи да го напушти српскиот вицепрвак и да ја прифати понудата на новиот шампион Партизан.

Ивиќ во редовите на Еурофарм Пелистер пристигна минатото лето од Шамбери и со битолчани се израдува на шампионската титула во штотуку завршената сезона. Претходно беше дел од екипите на Целје, Гумерсбах, Келце и матичниот Загреб.

Освен Ивиќ, македонскиот шампион на голманската позиција го има на располагање Никола Митревски, како и младинскиот репрезентативец Давид Брестовац.

Војводина гради тим со цел да ја врати титулата во своите витрини и досега ангажираше неколку ракометари, а еден од нив е Марко Срдановиќ од Вардар.

Од сезона 2012/13 па сѐ до минатата сезона, клубот од Нови Сад редовно ја освојуваше титулата во српскиот шампионат.

 

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT