Ракометарите на Магдебург триумфираа над Фуксе Берлин со 32:26 и ја освоија петтата титула во Лигата на шампионите. По завршувањето на Ф4 турнирот во Келн, познато е кој заврши во ТОП 10 на листата на стрелци за оваа сезона.
Иако македонскиот шампион Еурофарм Пелистер играше само во групната фаза, капитенот на битолскиот тим, Филип Кузмановски, кој игра во животна форма, имаше одлични настапи во најелитното европско натпреварување.
Кузмановски успеа да заврши меѓу најдобрите десет стрелци во Лигата на шампионите, постигнувајќи 87 погодоци на 14 натпревари.
На врвот на листата на стрелци за оваа сезона се наоѓа Данецот Матијас Гидсел (Фуксе Берлин) со 135 погодоци.
Во ТОП 5 се и Марио Шоштариќ (ПИК Сегед), Ласе Андерсон (Фуксе Берлин), Мартим Коста (Спортинг Лисабон) и Камил Шипжак (ПСЖ).
Паралелно со сениорскиот се одржа и младинскиот Ф4, на кој Еурофарм Пелистер заврши како четврти, а средниот бек на битолчани, Алем Хаџиќ, се искачи на врвот како најдобар стрелец со 40 погодоци на четири натпревари, потврдувајќи го својот голем потенцијал.