Екипата на Магдебург се врати на европскиот ракометен трон по едногодишна пауза, откако во финалето на Ф4 турнирот во Келн славеше над својот ривал од Бундес лигата, тимотт на Фуксе Берлин со 32:26.
Иако Магдебург не ја започна сезоната во Лигата на шампионите според очекувањата, дополнителен проблем за новиот европски шампион беа и повредите на неколку клучни ракометари, сепак, стратегот Бенет Вигерт најде начин да ја врати својата екипа на победничкиот пат и да стигне до ново европско злато.
Во групната фаза, германскиот тим имаше променливи резултати – шест победи, седум порази и едно реми. Со вкупно 13 бодови, Магдебург ја заврши групата Б на четвртата позиција, колку што собра и ПИК Сегед. Зад нив беа Келце и Колстад со по 11, а последен заврши Загреб со седум освоени бодови.
Во осминафиналето, Магдебург без поголеми проблеми го елиминираше Динамо Букурешт, со победи на двата натпревара (35:29 и 30:26). Потоа следуваше вистинска драма во четвртфиналниот двомеч со Веспрем. Првиот натпревар во Германија заврши без победник (26:26), а во реваншот Магдебург избори триумф со гол на Гисли Кристијансон во последната секунда – 28:27.
Во полуфиналето, Магдебург се соочи со бранителот на титулата, Барселона, и го елиминираше по голема битка триумфирајќи со 31:30. Во финалето, германското дерби донесе нова блескава партија на Магдебург, кој го надигра Фуксе Берлин и успеа да го освои златото.
Титулата е потврда за карактерот и квалитетот на тимот кој и покрај тешкиот пат и бројните предизвици, успеа да ја оствари зацрнатата цел на европска сцена.
За Магдебург ова е петта титула во Лигата на шампионите, бундслигашот беше европски шампион и во сезона 1977/78, 1980/81, 2001/02 и 2022/23.