Репрезентативецот на Србија, Стефан Додиќ, донесе одлука да остане во редовите на српскиот вицешампион Војводина најмалку уште две сезони. Иако е од Врање, Додиќ ја започна својата кариера во Металург, клуб во кој се афирмираше како играч и стекна драгоцено искуство.
На почетокот од кариерата, младиот среден бек секојдневно патуваше од Врање до Скопје, со цел да го оствари својот сон. Во дресот на Металург настапуваше до сезона 2020/21, по што го носеше дресот на уште два македонски клуба – Охрид и Вардар.
По заминувањето од Македонија, Додиќ потпиша договор со полскиот Келце, но поради младоста и потребата од минутажа беше испраќан на позајмици. Прво настапуваше за Загреб, а потоа и за словенечкиот шампион Целје.
Во октомври 2023 година, од Целје премина во Војводина. Додиќ на Европското младинско првенство во 2022 беше прогласен за МВП, односно најкорисен играч на турнирот, со што го потврди својот огромен потенцијал.