Селекторот на женската кадетска репрезентација на Македонија, Даниела Новеска, го објави списокот на ракометарки за подготвителниот период пред настапот на Европскиот олимписки фестивал и кадетското ЕП во Црна Гора.
Најпрво Новеска започна со поширока листа од 49 имиња, кои ги повика на првичен собир, потоа таа го намали списокот на 35 ракометарки, за сега да го селектира најдоброто што го има на располагање.
На скратениот список кај Новеска партиципираат 22 ракометарки од Ѓорче Петров, Вардар, Металург, Пелистер, Деспина…
Дел од повиканите ракометарки имаат сениорско искуство, односно настапи во единственото Женско сениорско натпреварување во нашата држава.
Македонија на Европскиот олимписки фестивал во Скопје ќе игра во група со Норвешка, Исланд и Швајцарија, додека на кадетскиот континентален собир со репрезентациите на Германија, Словачка и Португалија.
Како што е познато, натпреварите од Европскиот олимписки фестивал македонската репрезентација ќе ги одигра во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ од 21 до 26 јули.
Европското кадетско првенство во Црна Гора ќе се игра само во Подгорица, од 30 јули до 10 август. За оваа генерација млади ракометарки, и Европскиот олимписки фестивал и кадетскиот континентален соби ќе претставуваат први меѓународни предизвици во нивните кариери – шанса да се стекнат со поголемо искуство.