Европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска ги објави добитниците на вајлд-карти за новата сезона во Лигата на шампионите, а меѓу избраните клубови се најде и македонскиот шампион Еурофарм Пелистер.
Ова значи дека битолскиот клуб и третпат по ред ќе биде дел од најелитното европско натпреварување, што е потврда за континуитетот и квалитетот на проектот кој го гради клубот од Битола.
Навивачите повторно ќе имаат можност во салата „Боро Чурлевски“ да ги следат најдобрите европски екипи, како и да уживаат во уште една незаборавна сезона на врвен ракомет.
Ова е одлична вест и за македонскиот ракомет, кој и понатаму ќе има свој претставник меѓу европската елита.
Освен Еурофарм Пелистер, вајлд-карта добија уште ПИК Сегед, Нант, ГОГ, Колстад и Келце. Апликациите за вајлд-карта на Кадетен Шафхаузен, Порто и Слован Љубљана не беа одобрени.
Директно место во Лигата на шампионите имаат – Магдебург, Фуксе Берлин, Барселона, Висла Плоцк, Веспрем, ПСЖ, Спортинг Лисабон, Динамо Букурешт, Загреб и Алборг.
Ждрепката за групната фаза ќе се одржи на 27 јуни.