ЖРК Јехона го оживува женскиот сениорски ракомет во Гостивар

223

По речиси една деценија без сениорски женски ракомет, Гостивар конечно ќе има своја сениорска екипа во следната сезона. По најавите од РФМ и одлуките донесени на Конференцијата во Скопје, Женската лига ќе се подели на две нивоа – Супер лига и Прва лига.

ЖРК Јехона од Гостивар ќе се натпреварува во Првата лига, што претставува големо враќање на сениорскиот женски ракомет во градот со богата ракометна традиција, град од кој потекнуваат актуелни и поранешни репрезентативки на Македонија.

Ина Курти, поранешна ракометарка на Универс од Гостивар, во разговор за Спортска Димензија ги сподели своите спомени од времето кога ракометарките од овој град настапувале во највисокото женско сениорско натпреварување.

„Најпрво морам да ти се заблагодарам што се сети на мене и ме врати едно добри дваесетина години наназад, ме врати на моите почетоци и на играњето во Супер лига, на едно преубаво време. Слободно можам да кажам дека тоа беше време на остварување на еден детски сон – не само мој, туку и на голем дел од тогашните девојчиња кои игравме заедно. Како деца сонувавме да бидеме Кометал, а стасавме до таму да играме против тој Кометал, против нашите идоли – сестрите Аморим, Охоланга, Пецевска… и другите ѕвезди.“

Таа истакна колку беше голема чест и одговорност да се носи дресот на Универс, првиот гостиварски тим што играше во најквалитетната домашна лига.

„Мислам дека бевме првата женска екипа од Гостивар која се избори да игра во најквалитетната домашна лига, и тогаш тоа беше чест и одговорност. Конкуренцијата беше голема, а ракометот многу популарен во градот. Се случуваше на тренинг да имаш само неколку шанси за удар кон голот. Требаше голема посветеност и пожртвуваност да бидеш дел од првиот состав. Почетниот тим беше составен од девојчиња од Гостивар, што создаваше силна сплотеност и пријателство.“

Со доаѓањето на поискусни ракометарки во клубот, конкуренцијата станала уште поголема, а со тоа амбициите на клубот уште повисоки.

„Кога влеговме во Супер лига, клубот се засили со поискусни ракометарки, како еминентните Марија Папуџиева и Елена Николовска, што ја зголеми конкуренцијата за место во тимот. Се изборивме само 3-4 девојки да бидеме во првите 16.“

Ина Курти ја заврши играчката кариера пред десет години, а последниот натпревар го одигра против Чаир, клуб кој тогаш штотуку започнуваше да се натпреварува во Првата лига.

„После завршувањето со играње, сакав да останам во ракометот и останав, колку што ми дозволуваа времето и обврските. Неколку години водев тренинзи во клубот на Фари Селмани, каде што поминаа голем дел од девојките кои сега ќе играат во Првата лига.“

Таа го пофали и го нагласи значењето на тренерот Фари Селмани и неговата посветеност во развојот на женскиот ракомет во Гостивар.

„Морам тука да го пофалам Фари и да кажам дека ова што денес ќе го имаме – Прва лига во Гостивар – е голема негова заслуга, како и на луѓето околу него. Тоа е резултат на негова посветена и макотрпна работа, бидејќи не се станува прволигаш преку ноќ. Овие девојки поминаа низ неколку возрасни категории и долго време играат заедно. Нивниот пат потсетува на нашиот, само што им посакувам долго да траат и да постигнат уште поголеми успеси. Во малите градови, по средно училиште, тешко е да ги задржиш истите играчи. Знам дека кај некои девојчиња причина за почеток на тренинг со ракомет бевме ние, па се надевам дека овие девојки денес ќе бидат инспирација за нови генерации, за да имаме следна Белма Беба, Моника Јанеска, Сања Дабевска…“

Јехона повеќе сезони наназад посветено работи со младинските категории, давајќи им шанса на новите генерации. Нивната континуирана работа и вложување во младите играчи дава надеж дека женскиот ракомет во градот ќе има светла иднина.

Клубот веќе промовираше неколку засилувања, а во наредниот период се очекува да биде познат и конечниот ростер на тимот предводен од Фари Селмани.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT