Малата словенечка колонија во Еурофарм Пелистер добива уште еден нов член. Дресот на шампионот на Македонија ќе го носи левиот бек на словенечката репрезентација, Ник Хенигман, кој во Битола доаѓа од францускиот Шартр.
29-годишниот Хенигман потпиша на една сезона, со опција за уште една ако двете страни бидат согласни. Се работи за искусен лев бек, кој во кариерата играл за домашната Рибница, унгарскиот ПИК Сегед и француските клубови Сант Рафаел и Шартр.
За словенечката репрезентација има околу сто натпревари и претставува еден од клучните елементи во системот на сите селектори, вклучувајќи го и актуелниот.
Најголем успех му е бронзата од Светското првенство во Франција во 2017 година. Хенигман е висок 201 сантиметар, поседува квалитет и харизма, кој лесно беше забележлив во сите негови клубови и националната репрезентација.
Неговото претставување во Битола е предвидено на крајот од јули, по почетокот на подготовките на екипата за сезоната 2025/26.
Хенигман во македонскиот шампион ќе биде третиот Словенец по Домен Тајник и Нејц Цехте.