Црни облаци над Велес: Градот остана без сениорски ракомет

580

Овој пад е особено болен ако се земе предвид дека Велес има богата ракометна историја и традиција. Од овој град произлегле многу ракометни имиња, меѓу кои и легендарниот Пепи Манасков, а актуелниот селектор на Македонија и тренер на Алкалоид, Кире Лазаров, во младите денови го има носено дресот на Борец.

Велес, кој своевремено важеше за еден од ракометните центри во Македонија, најпрво во машка, а потоа и во женска конкуренција, во претстојната сезона нема да гледа сениорски ракомет. Ова е последица на настаните што се случија пред самиот крај на минатата натпреварувачка сезона.

Борец Фруит Ленд пред крајот на минатата сезона беше исклучен од Супер лигата откако неоправдано не го одигра натпреварот од Купот на Македонија против Еурофарм Пелистер 2. Тимот од Велес тогаш допатува во Битола со само девет ракометари, наместо со минималните 12, како што налага правилникот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ).

Поради тоа, домашната куќа на ракометот го исклучи клубот од Супер лигата, што автоматски значеше преселба во Првата лига за следната сезона. Сепак, Борец Фруит Ленд не се пријави за настап во Првата лига, па така велешани нема да гледаат сениорски ракомет во новата сезона, а нема ниту да имаат сениорска екипа.

Тимот на Борец во славните години има забележано настапи во Лигата на шампионите. Во независна Македонија, односно во 1994 година го има освоено Купот, а во 1995 и Супер лигата.

Велес своевремено имаше и силен женски ракометен клуб – Леов Бартек. Овој тим важеше за тврд орев за секој противник во домашниот шампионат и неколку сезони успеваше да избори место во европските натпреварувања. Сепак, никогаш не се реши да ја претставува Македонија на меѓународна сцена, главно фокусирајќи се на домашната лига.

Леов Бартек своето последно учество во Женската лига го имаше во сезона 2011/12, по што, поради финансиски проблеми, беше принуден да се распушти, потоа се создаде ЖРК Борец, но тој клуб кратко функционираше.

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT