Мартиновиќ: Понудата од Веспрем беше изненадување, а обештетувањето е помало од шпекулациите

203

Репрезентативецот на Хрватска, Иван Мартиновиќ, е еден од новите ракометари на унгарскиот гигант Веспрем. Иако имаше активен договор со Рајн Некар Левен, понудата од Веспрем беше премногу примамлива, па 27-годишниот десен  бек реши кариерата да ја продолжи во Унгарија.

Во разговор за хрватскиот портал „Јутарњи лист“, Мартиновиќ откри дека бил изненаден од развојот на ситуацијата.

„Прилично изненадно стигна понудата од Веспрем, ни јас тоа не го очекував. Се случи во момент кога преодниот рок беше пред самиот крај. Тренерот Чави Пасквал ме контактираше и ме праша дали би сакал да дојдам во клубот. Одговорот беше позитивен, но, секако, тука беше мојот договор со Рајн Некар, кој важеше уште една година. Но Веспрем сакаше веднаш да ме ангажира, започнаа преговорите, но  тие не беа ниту брзи ниту едноставни, но на мое задоволство завршија успешно и сега сум во нов клуб,“ вели Мартиновиќ.

Иако се шпекулираше дека Веспрем наводно платил околу еден милион евра обештетување за ангажманот на Мартиновиќ, сепак, Хрватот, вели дека станува збор за помала сума.

„Невообичаено е кога договорите се раскинуваат пред време, тоа носи одредени работи и, искрено, мило ми е што такви работи се случуваат и во ракометот. Што се однесува до висината на обештетувањето, тешко е да се коментира. Прочитав изминативе денови многу шпекулации на таа тема, но единствено што можам да кажам е дека не станува збор за толку голем износ како што се споменува,“ изјави Мартиновиќ.

Хрватскиот бек претходно во Бундес лигата настапуваше и за екипите на Хановер, Мелсунген и Гумерзбах.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT