🎥Ретро ракомет: Одбраната на Зенга и големото славје на Преспа Јафа Промет против Лемго

498

Во овој период македонските екипи ја темпираат формата за новата натпреварувачка сезона, во која Македонија ќе има дури десет претставници во Европа – шест машки и четири женски екипи.

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер трета година по ред ќе игра во Лигата на шампионите. Но, дали знаете кој беше првиот македонски тим што заигра во групната фаза на најквалитетното европско натпреварување?

Токму од Ресен, некогаш ракометен центар во Македонија, доаѓа првиот македонски претставник во групната фаза на Лигата на шампионите – Преспа Јафа Промет, кој во сезона 1997/98 успеа да ги мине квалификациите и да заигра во групната фаза.

Преспа Јафа Промет успешно ги мина квалификациите, елиминирајќи ги Строволос од Кипар и Доњецк од Украина. Во групната фаза доби силни ривали – Веспрем (Унгарија), Лемго (Германија) и Зубри (Чешка).

Ресенци завршија на третото место во групата, запишувајќи две победи, двете на домашен терен, против Лемго (26:25) и Зубри (33:26).

Токму триумфот над бундеслигашот Лемго беше вистинска сензација, а херој на тој дуел беше голманот Зоран Петковски – Зенга, кој во последната секунда им одбрани пенал на гостите за големо славје.

Во натпреварот против бундеслигашот настапија – Александар Јовиќ, Игор Котевски, Зоран Мартиновиќ, Драган Богдановиќ, Горан Андоновски, Кристијан Илиески, Страшо Илиоски, Дајанчо Кимески, Зоран Петковски, Аце Станковски и Сашо Ристески. На останатите дуели од групната фаза настапија и Зоран Атанасоски и Слободан Николиќ.

Тренер на екипата беше Јосиф Петковиќ.

Клубот од Ресен правото на учество во Лигата на шампионите го обезбеди со освоената домашна титула во сезона 1996/97.

 

 

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT