Кадетскиот репрезентативец на Македонија, Андреја Угреновиќ (15), во новата сезона ќе настапува во Германија.
Угреновиќ, кој потекнува од спортско семејство, ќе се соочи со голем предизвик, бидејќи ќе игра за тамошниот младински шампион Ерланген, клуб познат по вложувањето во младинските категории и развојот на талентирани ракометари.
Стружанецот од 2019 година настапуваше во Австрија (ХСГ Грац и ХИБ Грац), каде се пресели од Металург. Десниот бек имаше и пробни тренинзи во младинскиот тим на Кил, но реши кариерата да ја продолжи во Ерланген.
Надежниот ракометар моментално настапува со кадетската репрезентација на Европскиот младински олимписки фестивал (EYOF) во Скопје.