Петар Бошалески: Тимската работа е најважната лекција што ја научив

Петар Бошалески е еден од најперспективните кошаркари во Македонија. Ја има минато младинската школа на Работнички, настапувал за младинските селекции на Македонија, има забележано настапи и во сениорскиот репрезентативен дрес, а на само 16 години дебитираше во Првата лига.

544

Во периодот кога се интензивираат трансферите во македонската кошарка, Спортска Димензија направи интервју со Петар Бошалески, млад и талентиран кошаркар, кој вториот дел од изминатата сезона го помина во второлигашот Охрид.

Во интервјуто, тој открива како ги поминува слободните денови подготвувајќи се за следната сезона, зошто одлучи да направи трансфер од Пелистер во родниот Охрид, ги споделува мотивите зад таа одлука, искуствата од Работнички, понудите што ги има, репрезентативниот настап на Европското првенство Б-дивизија во 2023 година и многу други теми.

По напорната сезона, Петар одлучи слободното време да го искористи на најпродуктивен можен начин, односно во целосна посветеност кон подготовките за новите предизвици.

„Моментално слободните денови ги поминувам подготвувајќи се за следната сезона. Секојдневно одработувам три тренинзи – два наутро (теретана и индивидуален кошаркарски), а попладне шутерски тренинг или баскет со пријатели. Истовремено, преку ден се трудам да го искористам времето и да уживам на плажа или со кафе со друштво.“

Неговиот трансфер во родниот град беше потреба за поголема минутажа.

„Во вториот дел од сезоната решив да направам трансфер во Охрид, главно поради ограничената минутажа во клубот Пелистер. На почетокот на сезоната имав солидна улога и често бев дел од стартната петорка, но како одминуваше сезоната моето време на теренот се намалуваше. Исто така, не почувствував дека се поврзав со поголемиот дел од екипата, но и со градот. Решив да потпишам за Охрид со желба повторно да ми се врати жарот и мотивацијата за кошарката и да покажам за што сум способен.“

По завршувањето на сезоната, интересот за неговите услуги не изостана, а во продолжение открива дали ќе остане во Македонија.

„Имам понуди од неколку прволигаши, а бев и во контакт со грчки клубови од Првата и Втората лига. Но, мислам дека во моментов моето место е во домашната Прва лига, каде што повторно ќе ја заслужам довербата на прволигашки тренер и ќе се покажам во најдобро светло – и на теренот и надвор од него.“

Бошалески минатата сезона ја започна во Пелистер, а ја заврши во Охрид. Тој воопшто не смета дека потписот со битолскиот клуб е грешка и на стекнатото искуство во Пелистер гледа со благодарност.

„Потписот за Пелистер не го сметам за грешка. Сè што беше побарано од мене од страна на тренерите и управата мислам дека го исполнив, а тоа се одразуваше преку довербата што ја добивав дури и на важни и тешки натпревари. Благодарен сум за времето поминато во клубот и за месеците во Битола и со битолскиот народ. Сега верувам дека за мојата иднина е потребно да го направам следниот чекор и да се докажам на кошаркарската сцена.“

За секој млад кошаркар, да се облече дресот на Работнички е посебна чест, така беше и за младиот охриѓанец, кој настапуваше за младински категории на најтрофејниот македонски клуб, а стигна и до сениорскиот дрес. Токму пред стартот на изминатата сезона го напушти скопскиот клуб.

„За мене, самото чувство да се стави дресот и да се одиграат тие 40 минути на теренот е најголемо задоволство за еден млад играч. Во Работнички – клуб со голема историја  не се ни спомнуваа мотивација, инспирација и желба, тие беа природно присутни на секој тренинг и натпревар бидејќи беа неопходни за да се носи црвено-белиот дрес.“

Тој во Работнички не само што созреваше како играч, туку стекна и сигурност да чекори меѓу најдобрите.

„Работнички, а особено тренерот Андреј Апостолски Лечиќ, беше клучна личност за мојот развој како играч. Тој го виде мојот потенцијал и ми даде шанса да настапувам за најтрофејниот клуб во Македонија. Заедно со клубот, ми овозможија да се чувствувам како дома, иако бев 170 километри далеку од мојот роден град – бидејќи имавме заеднички јазик: кошарката. Влегувањето во првиот тим на Работнички не ми беше тешко, бидејќи напорната работа ме носеше на секое следно ниво. Тоа ми ја олесни транзицијата – од младинец, преку јуниор, па до сениор.“

За Бошалески сезона 2021/22 е најуспешна досега, бидејќи освојува злато во М18 лигата со Работнички, на Ф4 турнирот станува најдобар стрелец, беше најдобар стрелец и во текот на целото првенство, а со помладиот клуб од „Градски Парк“ имаше одлично издание и во Третата лига.

„Досега, тоа е мојата најуспешна сезона: над 40 натпревари и само еден пораз (вклучувајќи ја Третата лига и успешниот пласман во Втората лига). Тој успех ми ги потврди стандардите и вербата во себе и ми покажа дека вистинската работа допрва почнува. Ќе ја паметам таа атмосфера, другарството и меѓусебните борби со моите соиграчи – тоа беше екипа од која секој ќе понесе само убави спомени.“

Деби во сениорскиот тим на Работнички на само 16 години е исклучителен предизвик што ретко кој би го надминал без притисок. Многумина би се чувствувале исплашено, но кај него тоа беше причина да се мотивира, да покаже зрелост и да се истакне на теренот.

„Мото што секогаш го следам е да го дадам најдоброто од себе. Како помлад играч, мотивацијата ми беше да покажам дека можам да се носам со барањата и да се вклопам во оваа средина. Доброто и лошото од минатото секогаш минуваат, затоа се фокусирав само на сегашноста. Искрено, не се сеќавам на мојот деби-натпревар во Првата лига, но го паметам првиот настап во АБА 2 лигата против КК Сутјеска, каде што ги постигнав и првите поени.“

Освен што ги има минато сите младински селекции на Македонија, на репрезентативно ниво има забележано настапи и во сениорскиот дрес. Настапот на Европското првенство Б-дивизија (2023) за играчи до 20 години, што се одржа во Скопје, каде со Македонија го освои среброто, беше едно од најзначајните искуства за младиот охриѓанец. Тој турнир му донесе нова димензија, односно борба за боите на татковината, чувство на гордост што не се заборава, но и лична лекција за зрелост, одговорност и вистинска тимска игра.

„Како спортист, жалам што не ја освоивме златната медала, но ја почувствувавме поддршката на народот, како што вели изреката: „Публиката е нашиот шести играч“. Јас чувствував дека дури имавме и седми играч. Македонскиот народ низ тој период нè мотивираше и ни дозволи да ги прикажеме нашите квалитети во кошарката. Се надевам дека во иднина црвено-жолтата Македонија ќе блесне само со златна боја. Тој настап ми даде нов поглед кон спортот и ме научи многу. Често сме обземени од личните интереси, а го занемаруваме тимското достигнување. Тимската работа и успехот од таа година ми покажаа на што сакам да се посветам и колку ми значи да го бранам македонското знаме.“

Атмосферата во репрезентацијата беше исполнета со страст и посветеност, која тешко може да се долови само со зборови.

„Таа екипа не би се обидел да ја опишам со зборови – најдобро се опишува преку видео од моментот кога изборивме влез во А-дивизијата и ја победивме репрезентацијата на Украина. Тој момент е најдоброто објаснување за каков тим бевме. Верувам дека Македонија отсекогаш имала таленти, но никој не посветил доволно внимание и труд за овие млади играчи да ги докажат своите способности и да се ослободат на теренот. Нашата задача како играчи е да ги слушаме конструктивните совети на тренерите и да напредуваме, но исто така верувам дека најголемиот напредок еден играч го постигнува на натпревар, а не на тренинг.“

ФОТО: КФМ

Во кошаркарскиот свет на Петар, неговиот татко, Марјан Бошалески, поранешен кошаркар и спортски работник, е најстрогиот критичар.

„Мојот татко отсекогаш бил мојот најголем критичар. Дури и кога ќе имав само една грешка на натпревар, тоа беше првото на што ми обрнуваше внимание. Со тоа ме научи како никогаш да не прераснам од тоа што сум. Сите правиме грешки и ми укажа дека и јас ќе ги правам, но моја одговорност е да ги прифатам, да се соочам со нив и да се потрудам да не ги повторам. Поседува искуство што порано често го занемарував, но со текот на времето научив да го слушам, знаејќи дека секогаш мисли на мое добро.“

Вистинската поврзаност во кошарката меѓу играчите не се создава само со додавање топки. Таа настанува низ заедничките тренинзи, падови, напорни подготовки и тивки договори што не мора да се кажат гласно. Во продолжение, тој открива со кои соиграчи имал најдобра хемија и што според него значи да си добар соиграч.

„За мене, хемијата на теренот започнува надвор од него. Со играчи како Андреј Шошкиќ, Василиј Србиновски, Мартин Оровчанец, Ангел Стојанов, Метин Саити, Даниел Балоски, Горазд Величковски, Стефан Гоцевски, Филип Чолаковски и други – тие не само што ме прифатија како соиграч, туку и како другар уште кога бев 13-годишно дете од Охрид. Со нив ги имав најголемите победи и најубавите сеќавања. Детството го поминав со таа генерација и секогаш ќе сум благодарен за тоа. Меѓусебната конкуренција нè направи сите подобри играчи. Особено ќе го издвојам Андреј Шошкиќ, со него заедно поминавме најмногу време во Работнички, а нашата желба да работиме повеќе од другите и да станеме квалитетни играчи, кои во иднина ќе заработуваат од спортот што го сакаме, придонесе да се издигнеме на повисоко кошаркарско ниво од другите деца.“

Подготовката за натпревар не започнува со првиот свиреж, туку многу порано, во тишината на соблекувалната, но и во мислите што се подредуваат како стратегија. За некои играчи тоа се ритуали, за други дисциплина и фокус.

„Секоја нова сезона ме учи нови навики и искуства. Често гледам како поискусните играчи се подготвуваат физички и ментално за натпреварите. Мислам дека е важно да се има одредена рутина, како што е правилното спиење за мене. Моментално, мојата најголема мотивација е да не потценам ниту еден натпревар, бидејќи времето со кошарката е ограничено и сакам да го поминам исполнето додека можам.“

Во последните години, Охрид стана познат како ракометен центар во Македонија, но прашањето за развојот и интересот кон кошарката меѓу младите останува актуелно. Интересот за кошарката во градот полека расте, а се повеќе млади покажуваат љубов кон овој спорт.

„На младите охриѓани што сакаат кошарка би им препорачал да поставуваат што повеќе прашања на поискусните, и да знаат дека храбар е тој што иако се плаши, сепак ќе проба. Ќе се соочат со тешки моменти и ќе достигнат високи успеси, но низ целиот пат треба да запомнат дека го прават тоа за себе, и дека ја играат кошарката поради љубовта за неа што ги прави среќни. Интересот за кошарката во Охрид расте, и се почесто гледам млади со жар во очите, како што јас ја имав. Се надевам дека ќе работат на себе и ќе бидат насочени по добар пат. Би сакал Охрид да има прволигашки клуб, но уште поважно – да има кошаркарска култура што ќе биде посветена на младите, заврши Бошалески“

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT