Младиот и талентиран ракометар Јулијан Матески кариерата ќе ја продолжи во некогашниот суперлигаш Мулти Есенс.
Иако има само 18 години, средниот бек веќе зад себе има суперлигашко искуство со настапите за Струга, каде што прикажуваше одлични партии дури и против најсилните екипи од Супер лигата.
Матески важи за еден од најперспективните македонски ракометари, настапуваше и за младинските категории на Охрид, а својот талент го потврди и во дресот на кадетската репрезентација на Македонија, со која минатата година настапи на Европското првенство во Црна Гора.

Мулти Есенс во изминатата сезона играше суперлигашки бараж токму со Струга, но не успеа да се врати во елитата. Освен Матески, во редовите на Мулти Есенс пристигна уште еден ракометар од Струга – Ангел Кленковски.