Прволигашот Вардар Неготино, кој во новата сезона ќе биде предводен од легендарниот Пепи Манасков, доби уште едно екстра засилување, пренесува 24Ракомет.
Станува збор за довчерашниот капитен на Прилеп, Христи Бикоски. Прилепчанецот настапува на позицијата лево крило и со своето стекнато суперлигашко искуство ќе биде од голема помош за амбициозниот тим од Неготино.
Бикоски кариерата ја започна во школата на Вардар, играше за младинските категории на „црвено-црните“ и за Вардар Јуниор каде што соработуваше со Манасков, па сега одново ќе ја има можноста да учи од него.
Во последните шест сезони настапуваше во родниот град и секогаш беше меѓу најдобрите стрелци.
Вардар Неготино претходно се засили со десното крило од Пролет, Мице Шилегов, а во следниот период треба да биде познат конечниот ростер.