Освојувачот на Лигата на шампионите, Магдебург, преку клупскиот сајт објави дека голманот Сергеј Хернандез ќе го напушти бундеслигашот следното лето.
Искусниот голман во Магдебург пристигна од Бенфика летото 2023 и во своите две години со европскиот првак го освои Светското клупско првенство, Бундес лигата, Купот на Германија, како и Лигата на шампионите.
Тој во финалето од Лигата на шампионите против Фуксе Берлин едноставно блескаше и со 18 одбрани беше најзаслужен за освоениот трофеј.
Инаку, 30-годишниот голман со Бенфика во сезона 2021/22 ја освои титулата во второто по ранг европско клупско натпреварување – Лигата на Европа, а ривал на португалскиот клуб во финалето беше токму Магдебург.
Хернандез во својата кариера настапуваше и за Ла Риоха и Анаитасуна. Доколку се остварат шпекулациите, тој би требало да биде новиот голман на Барселона, односно замена за Емил Нилсен.