Амбициозниот прволигаш РК Македонија Ѓорче Петров ги стартуваше подготовките за новата сезона со јасна цел – борба за врвот и место што води во Супер лигата.
Минатата сезона тимот немаше многу среќа и за малку не успеа да избори суперлигашки бараж, но оваа година амбициите се поголеми од кога било.
„Амбициите во Прва лига се борба за едно од првите две места. Во финална фаза се преговорите околу ангажман на уште четири нови играчи, кои би се финализирале до крајот на преодниот период. Особено сме горди што во конкуренција влегуваат и нашите младинци, кои ќе собираат драгоцено прволигашко искуство“, велат од клубот.
Покрај сениорскиот состав, Македонија ЃП вложува и во младинските категории. Во кадетска конкуренција се очекува пристигнување на седум нови играчи, а и во кадетска и во пионерска лига целта е висок пласман.
„Во кадетска конкуренција при крај се преговорите со седум нови играчи кои би се придодале на минатогодишниот ростер, со што сигурно би се бореле за едно од првите три места во групата и пласман на Ф4 турнирот. Во пионерска лига исто така ќе се бориме за висок пласман, а доколку се остварат најавите за формирање на лига за мини-ракомет, сигурно ќе пријавиме една или две екипи“, додаваат од клубот.
Визијата на Македонија Ѓорче Петров е јасна и долгорочна, а тоа е создавање сопствена база на играчи и развој на тренерскиот кадар.
„Работиме на долгорочен план да обезбедиме играчи од сопствен погон. Во исто време инвестираме и во развој на тренерскиот кадар. На модулот за тренери што ќе се одржи оваа есен, од нашиот клуб ќе бидат испратени двајца млади тренери“, потенцираат од прволигашот.
Раководството на Македонија Ѓорче Петров досега ги има ангажирано Александар Грујевски, Обрен Фичуроски, Дарко Рангелов и талентираниот Бобан Петров.
Дејан Цветановски останува предводник на „лавовите“, а во стручниот штаб се уште Сашо Барјактаров, Дарко Крстаноски и Џевад Равмановски.