Детето на Вардар – Ања Начевска, која ги мина сите младински категории на „црвено-црните“, а во последните сезони настапуваше и за сениорскиот тим, одлучи да си замине од скопскиот клуб.
Големиот македонски талент се сели во соседна Србија, каде што ќе го носи дресот на амбициозниот тим Мега Баскет. Станува збор за клуб основан во 2009 година, а во последните сезони е меѓу најдобрите на домашната сцена.
Мега Баскет во 2021 и 2024 година го освои Купот на Србија, во 2022 и 2023 беше финалист во натпреварувањето, а пред една сезона стигна и до шампионската титула.
Начевска во изминатите години бележеше одлични резултати со младинските категории на Вардар, каде што растураше на Ф4 турнирите и освојуваше МВП признанија. Во изминатата сезона, освен освоеното злато во М18 лигата, со тимот на Вардар го освои и домашниот Куп.
Во 2023 година беше избрана за најдобра млада кошаркарка во Македонија. Зад себе има и настапи за сениорската репрезентација, во сениорскиот дрес дебитираше на само 15 години.
Пред еден месец, за време на Европското јуниорско првенство, беше во конкуренција за МВП на турнирот.