Во новата сезона во Првата лига на Македонија (довчерашна Втора лига) ќе настапува и кавадаречкиот Спортисимо, кој за првпат ќе биде дел од ова натпреварување и ќе се обиде да се покаже во добро светло.
Тимот е составен од локални таленти и искусни играчи кои ќе ги водат младите во прволигашките натпревари. Раководството и тренерскиот тим се посветени на развојот на играчите и на создавање конкурентен состав кој ќе се бори на секој натпревар.
Спортисимо, кој се натпреваруваше во аматерската Трета лига, влегува во ова натпреварување со јасна визија – да изгради стабилен и конкурентен тим, да ги инспирира следните генерации, но и да покаже дека располага со квалитет.
Секоја победа за овој тим од Кавадарци ќе биде голем успех, а младите таленти со секоја помината минута на паркетот ќе стекнат големо искуство.
,,Патот до прволигашкиот пиедестал не беше ниту лесен, ниту послан со рози, но тимската хемија, крвта, потта и љубовта кон играта се покажаа посилни од секој предизвик. Спортисимо не дојде тука случајно – тука е по заслуга, со игра која плени и со срце кое освојува. Кавадарци отсекогаш живеел за спортот, но со Спортисимо сега има нов идол, нова надеж и нова инспирација за младите генерации. Нека ова биде само почетокот на една епска кошаркарска сага, напишана со златни букви во аналите на македонскиот спорт. Во сезоната што следи, сите очи ќе бидат вперени во ова храбро кавадаречко срце. Зашто Спортисимо не е само клуб – тоа е симбол на сонот што се претвора во реалност”, стои во дел од соопштението на кавадаречкиот тим на социјалните мрежи.