Костадиновски: Знаеме дека конкуренцијата е голема, главната цел на Радовиш е опстанок

485

Утре со натпреварот меѓу Бутел Скопје и Куманово ќе започне новата сезона во Супер лигата. Повратник во елитата е Радовиш, кој во минатата сезона беше второпласиран во прволигашкиот плеј-оф и во бараж дуелот го елиминираше Еурофарм Пелистер 2. Радовишани во првото коло на свој терен ќе го пречекаат амбициозниот тим на Охрид, во второто коло ќе се соочат со Алкалоид, за трет ривал го имаат Вардар…

Голманот на Радовиш, Кристијан Костадиновски, го најави дуелот со Охрид и се надева дека неговиот тим ќе се покаже во добро светло пред домашната публика.

,,Во првото коло ни гостува екипата на Охрид, која е екстра квалитетна, секако дека се фаворити, но ние ќе го дадеме својот максимум на секој натпревар против секој ривал. Имаме многу тешки натпревари во првите три кола, играме против екипи кои се натпреваруваат на европска сцена и тие натпревари не можат да дадат јасна слика за силата на нашиот тим. После пеколниот старт ни претстојат натпревари каде што можеме да играме со секого и се надевам на позитивен резултат во тие дуели. Знаеме дека конкуренцијата е голема, главната цел на Радовиш е опстанок, ќе имаме многу тешки натпревари, но сметам дека направивме солидна екипа, која која ќе го зачува своето место во Супер лигата”.

Костадиновски е задоволен од прикажаното во подготвителниот период, во кој Радовиш одигра неколку пријателски натпревари.

,,Подготовките ги започнавме подоцна од планираното, но напорно се подготвуваме секој ден. Одигравме неколку добри пријателски натпревари. Сепак ќе ни треба уште малку време за да се воиграме, бидејќи имаме неколку нови играчи. Акцентот во подготвителниот период беше ставен повеќе на физичката подготвеност, но секако работевме и на тактички план”. Радовиш има неколку играчи со суперлигашко искуство, иако сме млад тим, сепак, сите знаеме како е да се натпреваруваш со најдобрите домашни клубови”.

Младиот голман на секој домашен натпревар очекува голема поддршка од трибините во спортската сала „25 Мај“.

,,Сакам да ги поканам навивачите да дојдат во што поголем број, се надевам на нивна поддршка и на останатите домашни натпревари, навивачите да уживаат во добар ракомет и заедно да обезбедиме опстанок за Радовиш да биде повторно меѓу најдобрите екипи во македонската елита”.

Радовиш за новата сезона се засили со Виктор Марковиќ (Аеродром), Славе Јанковски, Петар Стојановски (Голден Арт) и Марко Стојанов (Бутел Скопје). Не е исклучена можноста во екипата да има уште неколку засилувања.

Натпреварот меѓу Радовиш и Охрид ќе се одигра утре (сабота), со почеток од 19:00 часот.

*Оваа сезона Супер лигата ќе брои 12 екипи, во ланската сезона се натпреваруваа вкупно 16. Најдобрите шест ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата и ќе разигруваат за титулата, додека екипите кои ќе бидат позиционирани од 7 до 12 место по регуларниот дел ќе се борат за опстанок, односно ќе играат во плеј-аут фазата.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе