Екипата на Прилеп за претстојната сезона доби капитално засилување во името на повремениот репрезентативец на Македонија, Димитар Димитриоски.
Искусното лево крило се врати во Македонија од шпанскиот Ваљадолид, каде што мина три сезони, а неговиот трансфер во Прилеп одекна како бомба.
Димитриоски во разговор во емисијата Спортски Журнал, која се емитува на Радио Пела, објасни како дојде до тоа да потпише за амбициозниот Прилеп“
„На некого му е чудно, секој си има свој коментар… Беше намален буџетот во Ваљадолид, од клубот ме известија дека не можат да ми понудат ниту половина од тогашниот договор. Иако имав разговори со неколку суперлигашки клубови, но и со клубови од странство, познавајќи го директорот на клубот Никола Чадамов и сите останати соработници, случајно разговаравме и кога се отвори таа тема за мое доаѓање многу брзо се договоривме. Ми претставија еден добар проект, добро е што клубот функционира на високо ниво, расте од година во година, па брзо се договоривме и не се мислев многу, ја прифатив понудата“, изјави Димитриоски.
Левото крило ќе ја има улогата на капитен во тимот.
„Ми беше понудена капитенската трака, знам колкава е одговорноста тоа. Целта на клубот е да влезе во плеј-оф, и со преземањето на капитенската трака носам голема одговорност и за екипата и за исполнувањето на целта. Секогаш ме привлекувале такви проекти во кои имаш можност да растеш и да се натпреваруваш“, вели Димитриоски.
Иако Димитриоски е прилепчанец, сепак својата кариера ја започна во Металург, каде играше до сезоната 2018/19. Потоа две сезони го носеше дресот на Вардар, а од таборот на „црвено-црните“ премина во Еурофарм Пелистер 2. Во Битола се задржа една сезона, по што три сезони играше за Ваљадолид.
Прилеп во првото коло ќе биде домаќин на повратникот во Супер лигата – Еурофарм Пелистер 2.
Целиот разговор со Димитар Димитриоски погледнете го во продолжение…