Осмо издание на Супер Купот: Двата најголеми ривали во борба за трофејот

172

Новата ракометна сезона во Македонија ќе започне со Супер Куп пресметката меѓу актуелниот шампион Еурофарм Пелистер и вицепрвакот Вардар. Двете екипи се сретнаа на регионалниот турнир во Скопје, како и на турнирот во Охрид, и на двата дуели славеше битолскиот тим.

Сега пелистерци во Кавадарци ќе посакуваат ново славје против „црвено-црните“ кои покажаа низа слабости во текот на подготвителниот период.

Сепак, и едните и другите не ги открија до крај своите силни страни, па затоа денешниот дуел се очекува да биде многу поразличен од претходните.

„Никогаш не сте целосно подготвени, бидејќи за време на сезоната постојано напредувате и учите. Мислам дека имавме добра претсезона и најважно е што немавме сериозни повреди. Тоа што се случи се до денес – веќе не е важно. Вистинското натпреварување почнува утре со Суперкупот и ќе видиме поинакви тимови. Ќе видеме поинаков Вардар и сигурно поинаков Еурофарм Пелистер. Се надевам дека нашиот тим ќе биде уште подобар за разлика од подготовките. Мојата идеја е дека секој играч ми треба за секој натпревар, а не за цела сезона. Сакам да го користиме секој ракометар на секој натпревар, бидејќи сакаме да играме силно темпо. Имаме добри играчи на сите позиции и ги имаме по двајца или тројца по позиција. Се надевам дека тоа ќе го искористиме“, изјави тренерот на Еурофарм Пелистер, Рубен Гарабаја.

И тренерот на Вардар, Иван Чупиќ, очекува поразличен натпревар од претходните.

„Почнува борбата за Суперкупот. Имавме малку време да се рекуперираме, а во последно време игравме многу и немавме доволно тренинг, плус се мачиме со повреди. Но, што е тука е – знаеме дека мораме и можеме подобро. Сакам играчите да бидат целосно фокусирани на своите задачи, без притисок и алиби. Играчот што носи дрес на Вардар мора да знае дека тоа е привилегија и обврска. Го почитуваме Еурофарм Пелистер како актуелен шампион, но очекувам поагресивен и подисциплиниран Вардар. Утрешниот меч е сосема различен од пријателските – тоа е борба за трофеј, пред полна сала, и сигурен сум дека ќе видиме вистински ракометен спектакл“, изјави Чупиќ.

Во спортската сала „Јасмин“ ќе бидат присутни и „Чкембарите“ и „Комитите“, па така се очекува дерби и на трибините. Правдата на денешниот меч ќе ја делат младите судии Данило Божиновски и Виктор Начевски.

Вардар има најмногу трофеи од Супер Купот, вкупно четири, Еурофарм Пелистер има два, а Алкалоид има еден – оној од минатата година.

Натпреварот започнува со почеток од 19:00 часот, а може да го проследите на линкот во продолжение…

 

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT