Тоа што пред неколку дена беше најавувано во српските медиуми, денес доби и официјална потврда – најдобрата голманка на светот, Катрин Лунде, го засили српскиот шампион Црвена Ѕвезда, пренесува српскиот „Моцарт Спорт“.
Норвежанката, која има освоено сè во својата кариера, до крајот на минатата сезона беше дел од данскиот Оденсе, откако Вајперс Кристијансанд прогласи банкрот, па Лунде мораше да бара нова средина.
45-годишната Лунде седум пати ја има освоено Лигата на шампионите, по двапати со Виборг и Ѓер и трипати со Вајперс Кристијансанд.
Со репрезентацијата на Норвешка има освоено седум златни медали на Европските првенства, два на Светските првенства и три на Олимписките игри, од кои последниот беше минатата година во Париз.
Црвена Ѕвезда има високи амбиции, во новата сезона ќе биде дел и од Лигата на Европа, таму ќе стартува од квалификациите, а според последните информации, раководството на клубот ја посакува и Андреа Лекиќ.
Екс вардарката ја заврши кариерата на крајот на минатата сезона, но со доаѓањето на Лунде во Белград, можно е да постои опција таа да се врати на терените.