Екипата на РК Куманово во рамки од првото коло од новата сезона во Супер лигата ќе го пречека Радовиш на домашен терен.
Позитивна вест за ракометарите на Куманово пред стартот на сезоната е тоа што сите натпревари ќе ги играат во главната спортска сала, која неодамна беше реновирана и доби модерен изглед.
Првите настапи во обновената сала ги имаа кадетските кошаркари за време на ЕМОФ, а потоа Куманово беше домаќин и на предквалификацискиот кошаркарски натпревар меѓу Македонија и Романија.

Спортската сала во Куманово, изградена во 1980 година, не беше во функција во последните пет-шест сезони. Во тој период, спортските клубови играа по училишни сали.
Токму во оваа сала, Куманово го освои првиот ракометен Куп трофеј на Македонија во премиерното издание по осамостојувањето, тогаш под името Шевро Куманово.
„Цела сезона ќе играме во реновираната сала, што ќе биде дополнителен мотив за ракометарите, се надеваме в сабота на победнички старт пред својата публика“, велат од Куманово.
Сега, по реновирањето, спортските клубови ќе имаат подобри услови за натпревари, а трибините ќе овозможат поголема поддршка од публиката. Салата има капацитет за околу 4.100 гледачи.
„Искрени љубители на спортот и ракометот, ве повикуваме да дојдете во сабота од 19 часот и да ги поздравиме ракометарите на МРК Куманово. Бидете нашиот плус играч на теренот и помогнете ни да дојдеме до првата победа и првите бодови на стартот од сезоната“, истакнаа од Куманово.
Натпреварот меѓу Куманово и Радовиш е закажан за сабота со почеток од 19:00 часот, а влезот за сите љубители е слободен.