Маркоска: Очекувам да дадеме сè од себе за позитивен резултат на стартот

219

Викендов паралелно со Женската лига ќе стартува и Првата лига, во која ќе учествуваат седум екипи.

Меѓу нив ќе биде Овче Поле Славјански Универзитет, кој на голманската позиција се засили со поранешната кадетска репрезентативка Дона Маркоска.

Младата голманка смета дека одработиле добри подготовки и дека Овче Поле Славјански Универзитет е вистинска средина за нејзин напредок.

„Целокупно сум задоволна од подготовките, го исполнивме она што се договоривме. Фокусирани бевме на сите полиња: физичката спремност, издржливоста и градењето тимски дух. Засега се чувствувам одлично, прифатена сум од сите членови на клубот и од целиот стручен штаб. Сметам дека можам да напредувам овде и дека Овче Поле Славјански Универзитет во моментот е вистинската средина за мене“, изјави Маркоска.

Прв ривал на Овче Поле Славјански Универзитет ќе биде Ѓорче Петров 2, а Маркоска се надева дека заедно со нејзините соиграчки победнички ќе ја отворат новата сезона.

„Очекувам да дадеме сè од себе. Напорно тренираме и се подготвуваме за секој противник, трудот ќе даде резултат – се надевам позитивен. Според мене, сè уште нема фаворит бидејќи има нови екипи, како и состави различни од минатата сезона. После првиот натпревар ќе видиме кои екипи ќе бидат фаворити, но сепак мислам дека Првата лига оваа година ќе биде поинтересна и понепредвидлива од Супер лигата“, вели Маркоска.

Натпреварот меѓу Овче Поле Славјански Универзитет и Ѓорче Петров 2 ќе се одигра во сабота со почеток од 19:00 часот во спортската сала „Цар Самуил“ во Свети Николе.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT