Лука Чучанов стартува интернационална кариера

215

Кадетскиот репрезентативец на Македонија, Лука Чучанов, започнува интернационална кариера, откако потпиша за Естра Пистоиа од Италија.

Талентираниот кошаркар од Кожуф и раководството на италијанскиот клуб се договорија на тригодишна соработка, па Чучанов таму ќе продолжи и со образованието.

„Во првата сезона на интернационално ниво очекувам добри резултати, како од мене, така и од тимот. Пред да потпишам за Пистоиа, имав и други странски понуди, но ја одбрав оваа, бидејќи клубот ми ги обезбеди сите услови за тренирање и играње, а истовремено ми овозможи да учам средно образование, плус дополнително изучување на италијански јазик,“ изјави Чучанов.

Клубот на Чучанов во новата натпреварувачка сезона ќе игра во второто по ранг квалитетно натпреварување во Италија (Серија A2), откако минатата сезона не успеа да обезбеди опстанок меѓу најдобрите.

Чучанов ќе игра за младинските категории на клубот, но ќе тренира и со првиот тим, што му овозможува постепено да се адаптира и да се подготви за настапи на повисоко ниво.

Гевгеличанецот на Европското кадетско првенство Б-дивизија, кое се одржа ова лето во Скопје, беше во конкуренција за МВП. Чучанов на првенството заврши во ТОП 3 скокачи и постигна 64 поени на седум одиграни натпревари, што е просек од 9.1 поен по натпревар.

16-годишниот Чучанов со Македонија настапи и на Европскиот Младински Олимписки Фестивал (ЕМОФ) во Куманово.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT