Стартува Лигата на шампионите: Еурофарм Пелистер вечерва го пречекува Загреб

2

Денеска со два натпревари (Алборг – Веспрем и Динамо – Спортинг) ќе започне новата сезона во Лигата на шампионите, а и во оваа сезона претставник на Македонија повторно е актуелниот шампион Еурофарм Пелистер.

Битолчани вечерва од 20:45 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“ ќе го пречекаат Загреб. Според обложувалниците, хрватскиот тим е благ фаворит, а во досегашните дуели со пелистерци секогаш победувал, па избраниците на Гарабаја ќе имаат дополнителна мотивација да го дадат најдоброто од себе и да ја израдуваат битолската публика.

„Загреб е квалитетен тим, играат одлична одбрана, особено во средината. Ние треба да ја наметнеме нашата игра и да играме како што игравме во подготвителниот период. Спремен сум да ја доживеам атмосферата во Битола. Сите ми кажуваа откако пристигнав и сакам навивачите да уживаат во нашата игра и да се радуваат на нашите победи на секој домашен натпревар“, истакна тренерот на Еурофарм Пелистер, Рубен Гарабаја.

Еурофарм Пелистер одлично ја започна новата сезона, со освојување на Супер Купот на Македонија. Претходно го освои и трофејот на регионалниот турнир во Скопје, на кој учествуваа екипи од Македонија, Црна Гора и Србија, а за дуелот со најтрофејниот хрватски клуб се загреа со убедлива победа против Бутел во рамки од првото суперлигашко коло.

Група А: Колстад, Фуксе Берлин, Веспрем, Спортинг, Нант, Келце, Алборг, Динамо Букурешт
Група Б: ПСЖ, Барселона, Висла Плоцк, ГОГ, Магдебург, Еурофарм Пелистер, Загреб, ПИК Сегед

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1. КОЛО, РАСПОРЕД:

10 септември
18:45, Алборг – Веспрем
18:45, Динамо – Спортинг
20:45, Еурофарм Пелистер – Загреб
20:45, Магдебург – ПСЖ

11 септември
18:45, Сегед – Висла
18:45, Барселона – ГОГ
20:45, Келце – Колстад
20:45, Нант – Фуксе Берлин

Актуелен бранител на титулата во Лигата на шампионите е тимот на Магдебург.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT