Новиот клуб од Ресен започна со работа – бара поддржувачи за остварување на целите

162

Во Ресен пред неколку дена и официјално започнува со работа новиот ракометен клуб Преспа 2025. Новиот клуб е резултат на фузија на двата досегашни ракометни клуба – РК Преспа Вардар и РК Младост Ресен.

Од раководството истакнуваат дека главната цел е најпрво создавање на здрави, воспитани и дисциплинирани личности, кои преку спортот ќе растат и ќе се развиваат.

Во плановите на клубот е предвидено отворање на официјална канцеларија и фан-зона (бифе), како и обезбедување на реквизити и спортска опрема за младинските категории: кадети, пионери и младинци.

Дел од управата на клубот се и Александар Крстевски, Никола Ставревски, Дејан Петровиќ, Дане Ѓоргиевски и Николче Даскаловски.

За реализација на сите активности клубот бара поддршка од општествено одговорни компании и најавува дека поддржувачите јавно ќе бидат објавувани на официјалната страница на социјалната мрежа Фејсбук.

Воедно, тие ќе добиваат годишен извештај за тоа како се инвестирани нивните средства, со можност за увид во секое време.

„Најпрво ќе ја ставиме во функција официјалната канцеларија и фан-зона (бифе), каде младите ракометари ќе можат да се дружат и тренираат. Нашата цел е тие да ја засакаат спортската сала како свој дом, да имаат свое култно место и да бидат оддалечени од секојдневните негативности и пороци. Второ, ќе обезбедиме опрема, реквизити и сè што е потребно за нормално функционирање на младинските школи – кадети, пионери и младинци. Исто така, планираме повторно да ја изградиме и ставиме во функција теретаната која претходно беше активна. Успесите и резултатите сме сигурни дека ќе дојдат со многу работа и труд.

Преспа е докажан ракометен расадник на таленти во нашата држава, а веруваме дека и во иднина ќе се радуваме на нови шампиони, репрезентативци и интернационалци. За реализација на нашите идеи ни се потребни поддржувачи – општествено одговорни компании. Сите поддржувачи ќе бидат јавно објавени на нашата официјална страница на социјалната мрежа Фејсбук, со цел и другите да го следат нивниот пример. На сите поддржувачи ќе им доставуваме годишен извештај за сработеното и насоките каде се инвестирани нивните средства, а истите ќе имаат можност за увид во секое време“, напиша претседателот на клубот Александар Крстевски.

Ресен е еден од градовите што има голем број ракометари во суперлигашките екипи и има богата ракометна историја – поранешниот шампион на Македонија, Преспа Јафа Промет, беше првиот македонски клуб што обезбеди место во групната фаза од Лигата на шампионите.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT