Овој викенд ќе се одиграат речиси сите натпревари од 2. коло од Супер лигата, а повратникот во елитата, Еурофарм Пелистер 2, на свој терен ќе го пречека вицепрвакот Вардар.
Младите пелистерци уште во првото коло покажаа дека размислуваат за плеј-офот, откако славеа на гостувањето во Прилеп. Освоените два бода од тоа дерби ќе им бидат дополнителна мотивација на избраниците на тренерот Зарков.
Иако Вардар влегува како фаворит во дуелот, сепак мора да биде крајно внимателен. Малку опуштање може скапо да го чини, нешто што „црвено-црните“ веќе го почувствуваа во сезоната 2021/22, кога токму пред битолската публика беа поразени од „двојката“.
Картите за овој натпревар се веќе пуштени во продажба, а сите заинтересирани можат да ги обезбедат на следниот ЛИНК.
Средбата меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Вардар ќе се одигра на 14 септември во спортската сала „Боро Чурлевски“ со почеток од 17:00 часот.
Актуелниот шампион Еурофарм Пелистер ќе го пречека Пролет, додека Алкалоид и Охрид, против Тиквеш, односно Струга, ќе ја бараат својата прва сезонска победа. Куманово, кој во првото коло славеше над Радовиш, ќе гостува во Прилеп.
Второто коло ќе биде комплетирано со дуелот меѓу Радовиш и Бутел Скопје, а бутелци утре ќе го одиграат реванш дуелот против Дуделанж во рамки од првото коло од Европскиот Куп.
Супер лига, 2. коло, распоред:
13/09, 18:00, Еурофарм Пелистер – Пролет
13/09, 18:00, Тиквеш – Алкалоид
13/09, 18:30, Охрид – Струга
14/09, 17:00, Еурофарм Пелистер 2 – Вардар
14/09, 18:00, Прилеп – Куманово
17/09, 19:00, Радовиш – Бутел Скопје