Двете ракометарки на Ѓер, Атаду Сако и Бруна де Паула, беа изложени на расистички навреди од страна на дел од навивачите на Мошонмаѓаровар.
Ѓер во рамки од 3. коло од најквалитетното унгарско натпреварување гостуваше кај Мошонмаѓаровар, а двете ракометарки беа предмет на вербални напади поради бојата на кожата.
„Мора да го осудиме таквото однесување. Сè уште има идиоти и имбецили на Земјата кои мислат дека се супериорни во однос на другите. Ме иритира помислата дека овие луѓе нè навредуваат поради бојата на нашата кожа. Мора да проговориме за тоа што навистина се случува за ваквото однесување да не се повторува ниту во ракометот, ниту во спортот воопшто,“ изјави Сако.
Гигантот Ѓер веднаш реагираше и ја осуди секоја форма на дискриминација, повикувајќи на поголема свест и конкретни мерки против расизмот во спортот. Поддршка пристигна и од пошироката ракометна заедница, која нагласи дека ваквото однесување е неприфатливо и не смее да се толерира.
Мошонмаѓаровар се извини за постапките на дел од своите навивачи, нагласувајќи дека таквото однесување е во спротивност со принципите на спортската етика.
Иако беа навредувани, двете ракометарки останаа фокусирани на натпреварот и добија поддршка од соиграчките и стручниот штаб на клубот.