Николовска: Има уште многу натпревари, но целта на Чаир може да стане реалност

Марија Николовска беше предводничка во победата на Чаир против Ѓорче Петров

194

Екипата на Чаир во рамките од 3. коло од Женската лига, на гостувањето кај актуелниот шампион Ѓорче Петров, успеа да триумфира со 28:26, покажувајќи дека оваа сезона има квалитет за историски успех.

Во последните две сезони, тимот предводен од Басри Љатифи знаеше да им создава многу проблеми на „лавиците“, а оваа година Чаир изгледа доволно силен за да ја исполни својата цел.

Една од најзаслужните за големата победа против шампионот беше повратничката во Чаир со интернационално искуство, Марија Николовска, која постигна шест погодоци (сите од игра).

Николовска во разговор за Спортска Димензија истакна дека победата над актуелниот шампион е резултат на добрата хемија во тимот, како и на добро направената анализа.

„Секогаш кога се подготвуваме за еден натпревар одиме со желбата за победа, што значи дека не можам да кажам дека не сме ја очекувале. Победата против Ѓорче Петров е резултат на тимската игра и добрата подготовка. Дури и во моменти кога имавме падови во играта, останавме мотивирани и успеавме заедно да се вратиме од тие кризи.“

Според Николовска, сонот на Чаир оваа сезона може да стане јаве – да ја освои посакуваната титула.

„Преостануваат уште многу натпревари до крајот на првенството и многу фактори ќе влијаат на тоа кој ќе ја освои титулата. Единствената цел на Чаир е да го освои првото место, и сметам дека со борбеноста што ја покажуваме и со тимскиот дух што владее во клубот – титулата може да стане реалност.“

Чаир овој викенд ќе го одигра реванш дуелот против Ајдовшчина во рамките од 2. коло од Европскиот куп.

На првиот натпревар, кој беше одигран во Словенија, чаирчанки беа поразени со 30:27.

„Овој натпревар против Ѓорче Петров не ни беше важен само за домашното првенство. Победата ни беше потребна за да си докажеме дека во сабота можеме да ја надоместиме таа негатива од три гола и да одиграме уште подобро. Овој триумф е дополнителна мотивација дека можеме да успееме и во Европа, доколку сите се бориме како едно,“ заврши Николовска.

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT