Гичева: Условите се тешки, но посветеноста и трудот носат резултати

203

Селекторот на женската пионерска репрезентација на Македонија, Славиша Димитријески, го објави поширокиот список на ракометарки за ЕХФ неделата. Меѓи повиканите има и четири членки на клубот Деспина од Прилеп – Ивана Спасеска, Каталеа Иваноска, Ивана Конеска и Деспина Пајкароска.

Тренерот на младинските категории во Деспина, Мери Гичева, која воедно е и активна ракометарка и помошен тренер во сениорскиот тим, вели дека ваквите повици се потврда дека се вреднува трудот и посветеноста на младите.

,,Кога ја дознав веста дека четири имиња од нашата екипа се најдоа на поширокиот список на пионерската репрезентација бев многу среќна, нормално, како и секој тренер, така и јас, тој момент не може да се опише со зборови, само може да се почувствува. Само кратко можам да кажам дека имав емоции од среќа и исполнетост, од причина што знам дека работата на тренинзите, вложениот труд и времето, тоа што сум се посветила на тие деца, полека дава резултати, односно дека тие деца од година во година напредуваат. Тоа пред сè е награда за нивната посветеност и работа на тренинзите, а исто така можам да кажам, како нивен тренер, дека тоа е успех и за мене, затоа што успевам моето искуство што го имам стекнато низ изминативе 27 години во ракометот, полека да го пренесувам на тие млади категории – успешно”.

Деспина оваа сезона настапува во Првата лига, а покрај сениорскиот состав, клубот активно работи и со младите категории. Иако се работи за клуб со ограничени финансии, Деспина повторно успева да создава репрезентативки во различни возрасни категории, нешто што му успеваше и на Жито Прилеп и Тутински Комбинат.

„Кога има некој на кого може да му се пренесе тоа стекнато искуство, тоа значи премногу, како за ракометарките, така и за нашиот клуб Деспина. Оваа сезона првиот тим е составен од млади играчи во кои има доста потенцијал и простор да се работи со нив, за тие да се надградуваат и да стигнат до највисоко ниво. Нели, тоа е и целта на секој спортист, најпрво да се истакне во клубот за кој настапува, а потоа, еден ден, да го облече и националниот дрес на нашата држава и да ги брани боите на нашата земја во сениорска категорија. Кога ќе стигнат до таа скала, тие не ја претставуваат само нашата земја, туку и нашиот град Прилеп. Тие треба да бидат нашата гордост, како што се и моментално ракометарките од нашиот град кои настапуваат во други клубови, а го носат националниот дрес на Македонија.“

Деспина  последниве сезони успеа да се издигне и да покаже дека знае да создава вистински ракометни таленти, играчи кои еден ден можат да го облечат националниот дрес. Најголем проблем за Деспина е недостатокот на термини, но и покрај сите недостатоци, клубот продолжува да работи со иста посветеност и ентузијазам.

„Сите знаеме дека условите се тешки за работа поради немање термини во спортските сали. Познато ѝ е на целата јавност дека спортската сала при СОУ “Ристе Ристески-Ричко” е преокупирана, сепак, и со тие услови ние секогаш успеваме да се покажеме во најдоброто светло пред публиката и да се бориме максимално кога ќе излеземе на терен. Сите ние сме водени од големата желба и љубов кон ракометот што ја носиме во нас.“

Гичева истакнува дека максималната посветеност на тренингот и јасната цел се основа за успехот на секој играч.

„За секој играч е важно да го вложи максимумот на тренингот, пред сè да знае која е неговата цел и да тренира за да го постигне тоа што го посакува. А кога целта ќе биде постигната, ќе ги сфати сите дотогашни жртви што ги направил низ времето поминато на ракометниот терен.“

Во Прилеп во минатото коло од прволигашката конкуренција гостуваше Ѓорче Петров 2, кој си замина со два бода. Гичева на тој натпревар одигра одлично, постигна 11 погодоци и уште еднаш докажа дека иако има 41 година, може да одигра како во најдобрите денови.

На прашањето до кога ќе игра Мери, таа одговори:

„Па и самата не знам да одговорам на тоа прашање. Со секој почеток на сезоната сум со помислата: „Ајде, уште оваа сезона и готово.“ Но, кога ќе влезам во сала, кога ќе го почувствувам теренот, топката, атмосферата, жарот и борбата на натпреварите, сите тие работи не ме оставаат да се оддалечам од ракометниот терен. Сега сум тука, во Депсина, и додека можам да ѝ помогнам на екипата за подобар пласман на табелата нема да се откажам.“

 

 

 

Нема крај за нејзината пасија – Мери Гичева ќе игра и следната сезона!

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT