Тимот на Прилеп во продолжението од сезоната ќе биде посилен со левиот бек Никола Цветаноски, кој по кратката авантура во Словенија реши повторно да се врати во македонската Супер лига.
Цветаноски ова лето од Прилеп замина во Словенија, поточно во второлигашот Ајдовшчина, каде што имаше солидни настапи и остави добар впечаток, но сепак реши повторно да заигра во домашниот шампионат.
Левиот бек во сезоната 2023/24 од Струга се пресели во редовите на Прилеп, а претходно настапуваше и за Вардар Јуниор и Голден Арт, каде ги направи своите први значајни чекори во сениорскиот ракомет.
Прилеп по осум одиграни натпревари се наоѓа на осмата позиција во Супер лигата, но и понатаму е во трка за пласман во плеј-оф фазата, а враќањето на Цветаноски ќе биде важен адут за тренерот Наум Танески во борбата за ТОП 6.