Овој викенд на програмата се натпреварите од 7. коло од Првата машка лига, а дербито на колото несомнено ќе биде во Богданци, каде што ќе се соочат двете непоразени екипи во досегашниот тек од сезоната – Младост, предводен од искусниот стратег Горан Андоновски, и Мулти Есенс, тим составен од младински и кадетски репрезентативци на Македонија.
По шест одиграни кола, Мулти Есенс има максимален ефект, шест победи од шест средби и вкупно 12 бода. Веднаш зад него е Младост со 10 бода, но тимот од Богданци има еден натпревар помалку, бидејќи беше слободен во првото коло.
Од Младост истакнаа дека има голем интерес за дербито и очекуваат преполна сала во обидот да останат непоразени во борбата за директен пласман во најквалитетното домашно натпреварување.
„Ве повикуваме да дојдете во сабота, во салата „Млаз“ во Богданци, и да ги бодрите овие млади момци на патот кон остварување на целта – пласман во Суперлигата, бидејќи тие го заслужуваат тоа. Поради капацитетот на салата и преголемиот интерес за натпреварот, ви препорачуваме да пристигнете најмалку половина час пред почетокот. Строго ќе биде забрането внесување на пијалоци и запалливи навивачки предмети. На самиот влез ќе биде поставен шанк со освежителни пијалоци, кои ќе се служат исклучиво во чаша. За секој навивач ќе има гратис навивачки реквизити – знаменце со логото на клубот и балони во боите на Младост,“ соопштија од клубот на социјалните мрежи.
Натпреварот меѓу Младост и Мулти Есенс ќе се одигра во сабота (25 октомври), во спортската сала „Млаз“, со почеток од 19:00 часот.
ТАБЕЛА