Во 6. коло од Првата лига, како и во 3. коло од кадетската лига во женска конкуренција, распоредот предвиде Деспина да се соочи со Стружанка.
Во двете категории прилепчанки беа подобри, па така сениорскиот тим на Деспина, кој претежно е составен од млади ракометарки, триумфираше со 34:29 (14:14).
Анастасија Јованоска одигра одличен натпревар, постигнувајќи 13 погодоци, искусната Мери Гичева даде голем придонес со седум успешни реализации, а пет додаде Маја Ристеска.
Кај Стружанка, Теодора Маркоска беше прв стрелец со 12 погодоци, осум додаде Јана Петреска, но нивниот блесок не беше доволен за барем бод на овој дуел.
Кадетките на Деспина славеа со 28:22 (15:11), а во победата на домашниот тим се истакнаа Анастасија Јованоска и Матеа Христоска со по десет погодоци. Кај Стружанка најдобра беше Еџе Сејадин со 12 погодоци, пет имаше Јана Петреска.