Гулицоска: Прекрасно е кога трудот добива вредност и признание

128

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) во сабота (1 ноември) ќе ги избере најдобрите ракометари и ракометарки за минатата натпреварувачка сезона.

Како во машка, така и во женска конкуренција, номинирани се по 14 ракометари, односно ракометарки, а една од нив ќе го добие големото признание – најдобра ракометарка за сезона 2024/25

Меѓу номинираните се најде и Теодора Гулицоска, која зад себе имаше успешна кариера. Стружанката, по завршувањето на минатата сезона, одлучи да стави крај на играчката кариера, во која настапуваше за екипите на Стружанка, Металург, Чаир и Металург Автокоманда.

Искусната Гулицоска во разговор за Спортска Димензија вели дека самата номинација претставува потврда за сè што постигнала во својата кариера.

„Прекрасно е чувството кога трудот добива вредност и признание. Упорноста и љубовта кон спортот секогаш наоѓаат начин да бидат забележани. Вакво признание за мене е од големо значење, бидејќи е доказ дека сè што сум работела и во што сум верувала не било залудно. Единствено што остана недовршено од целите кои си ги имав поставено е сонот што секој спортист го сонува – да го облече репрезентативниот дрес.“

Гулицоска по завршувањето на играчката кариера остана во ракометот и сега е дел од стручниот штаб на ЖРК Струга.

„Работата со младите категории ја доживувам како голем предизвик, но и како најубава можност за пренесување на знаењето и искуството. Секој млад спортист бара различен пристап, трпение и поддршка. Верувам дека најголем успех за еден тренер е кога ќе види како од дете создава спортист – и уште поважно, човек со спортски дух и вредности.“

Таа испрати порака до најмладите кои сакаат да започнат со ракомет.

„Никогаш не заборавајте дека секој голем успех започнува со мал чекор и голема љубов кон тоа што го правите. До најмладите спортисти – верувајте во своите соништа и никогаш не се откажувајте, бидејќи најубавата победа е онаа што ја доживувате со срце.“

Освен што испрати порака до најмладите, Гулицоска даде коментар за состојбата на женскиот домашен ракомет.

„Сметам дека женскиот ракомет во нашата држава во последните години ја изгуби својата вистинска суштина. Се чувствува недостаток на систем и на работа, недостасува искрен пристап, чист избор и вистинска поддршка. Сè додека нема вистинска визија и вреднување на трудот, нема ниту вистинско ветување за подобро утре во нашиот ракомет.“

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT